јули 1, 2025

Симулациска вежба за постапување при елементарна непогода – земјотрес

На ден 29.06.2025 година, Општинската организација на Црвен крст Куманово организираше симулациска тактичко-показна вежба на тема: ,,Постапување во случај на земјотрес”, која се одржа на локацијата Спомен костурница Куманово. Во вежбата учество земаа: Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово , Итна медицинска помош (ИМП) , Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово, волонтери од Црвен крст Куманово и членови на тимот за одговор при катастрофи (ТОК) при Црвен крст Куманово. Вежбата се одвиваше според однапред подготвено сценарио на симулирана елементарна непогода – силен земјотрес со повеќе од 20 повредени лица. Тимовите беа мобилизирани со цел реална симулација на постапување при итна ситуација. Согласно сценариото беше направена брза проценка на состојбата и тријажа на повредените лица, обезбедуванье на просторот, укажување на прва помош од страна на волонтерите на Црвен крст и медицинските тимови како и транспорт на повредените лица до здравствените установи.

Дополнително, на терен беше поставена мобилна амбуланта, каде што беше укажана помош на полесно повредените лица. Лицата со потешки телесни повреди, идентификувани според првичната тријажа беа веднаш транспортирани до најблиската болница за понатамошен третман.

Целта на оваа симулациска вежба беше подобрување на координацијата и комуникацијата меѓу институциите надлежни за одговор при катастрофи, тестирање на капацитетите за брза реакција и оперативност, унапредување на знаењата и практичните вештини на волонтерите и службените лица.

Вежбата беше успешно реализирана, со високо ниво на ангажираност и професионализам од страна на сите учесници. Истата претставува важен чекор кон зајакнување на подготвеноста на заедницата и институциите при справување со реални итни ситуации и природни катастрофи.

< врати се назад