јуни 27, 2025

Заштита на населението од топлотен бран

На 26 и 27 јуни 2025 година беa спроведени активности за превенција и заштита на здравјето на граѓаните на град Куманово при топлотен бран. Поради високите температури нашите волонтери денеска излегоа на терен и делеа ладна вода, мереа шеќер во крвта на случајни минувачи и им даваа препораки на граѓаните како да го избегнат топлотниот бран.

Вкупно беа поделени 200 мали флаши со вода. Целта на акцијата која е во план да продолжи и во текот на наредниот период е да се дадат препораки за ублажување и заштита на населението од топлотен бран, како да постапуваат при високи температури, и да им се укажува на последиците кои можат да влијаат на нивното здравје.

Препораки за заштита од топлотен бран:

За време на топлотен бран избегнувајте, колку што е можно, излегување во надворешна средина во периодот од 10:00-17:00 часот, а воедно во тој период избегнувајте и напорни физички активности.

Останете, колку што е можно повеќе, во затворени климатизирани простории.

При неопходен престој на отворен простор, избегнувајте директна изложеност на сонце, останете во сенка и не оставајте ги децата и животните во паркираните возила.

Носете светла и лесна облека , ставете заштитни очила и капа и користете креми со заштитен УВ фактор.

Внесувајте големо количество на течност. Бидете добро хидрирани.

Внесувајте помало количество на храна. Избегнувајте мрсна и високо-калорична храна и храна која содржи поголемо количество шеќер.

Туширајте се со студена вода повеќе пати во денот.

Кога сте во возило, отворете прозорец, за да овозможите вентилација на воздухот.

Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да побараат помош.

Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате.

Во итен случај повикајте 194 или 112

< врати се назад