
Одбележување на 5 Декември – Светски ден на волонтерството
Општинската организација на Црвен крст Куманово го одбележа 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството преку организирање на свечен настан посветен на промоција на волонтерството и препознавање на значајниот придонес на сите кои активно учествуваат во хуманитарната мисија на организацијата. Настанот се реализираше во присуство на волонтери, претставници на институции, образовни установи, медиуми и поддржувачи.![]()
Во своето обраќање, секретарот на Црвен крст Куманово – Ива Младеновска ја нагласи важноста на волонтерството како основна вредност на Црвениот крст, истакнувајќи дека успехот и видливите резултати на организацијата се должат токму на посветеноста, хуманоста и солидарноста на волонтерите. Беше упатена благодарност до сите кои со својот труд придонесуваат за унапредување на благосостојбата и безбедноста на заедницата.
Во рамки на настанот беа доделени признанија во неколку категории. Признанија добија истакнати волонтери од Клубот на млади за нивната континуирана активност, ангажман и учество во различни хуманитарни и едукативни програми. Потоа признанија беа доделени и на волонтерите од Тимот за одговор при катастрофи, кои преку својата подготвеност, обученост и несебичност придонесуваат за навремено делување и поддршка во кризни ситуации.
Дополнително, организацијата додели признанија и на институции, училишта, медиуми, соработници и поддржувачи кои во текот на изминатата година обезбедиле значајна соработка, поддршка и партнерство во реализација на бројни активности, програми и хуманитарни акции.
Општинската организација на Црвен крст Куманово ја изрази својата искрена благодарност кон сите волонтери и партнери и ја потврди својата посветеност кон хуманитарните вредности што ги застапува.











































