јануари 20, 2026

Одбележување на 15 јануари – Светскиот ден на безбедност на планина

По повод одбележувањето на 15 јануари – Светскиот ден на безбедност на планина, на ден 20.1.2026 година, со почеток од 19:00 часот, во просториите на Црвен крст – Општинска организација Куманово, се одржа обука за безбедност на планина и прва помош, во соработка со Планинарски спортски клуб „Поларис“.

На обуката учество зедоа членови на ПСК „Поларис“ и волонтери на Црвен крст Куманово. Во првиот дел од активноста, претставник од ПСК „Поларис“ накратко ги запозна присутните со основните правила за безбедно движење во планински услови, значењето на соодветната планинарска опрема и важноста на добра подготовка пред секоја планинарска тура, особено во услови на променливо време.

Во продолжение, посебен акцент беше ставен на обуката по прва помош, која ја реализираа обучени волонтери на Црвен крст Куманово. Преку практични демонстрации, учесниците беа детално запознаени со правилно укажување прва помош при најчестите повреди и итни состојби кои може да се случат при планинарење и престој во природа. Беа обработени следните теми:обилно крварење,отворени и затворени скршеници, хипотермија, хипертермија (топлотен удар), каснување од змија, крварење од нос како и други итни состојби кои можат да се јават при движење во планински и отежнати теренски услови.🩹

Присутните активно учествуваа во обуката, поставуваа прашања и имаа можност практично да ги увежбаат прикажаните техники, со што го освежија и унапредија своето знаење и подготвеност за правилна реакција во итни ситуации.

Голема благодарност до Планинарски спортски клуб „Поларис“ за успешната и континуирана соработка, како и до сите учесници кои придонесоа за успешно реализирање на оваа едукативна активност.

< врати се назад