
Oдбележување на 1 октомври – Меѓународен ден на стари лица во Дом за стари лица „Зафир Сајто“ – Куманово
По повод 1-ви октомври – Меѓународниот ден на старите лица, прогласен од Обединетите Нации во 1990 година, волонтери од Црвен крст на РСМ – Општинска организација Куманово, заедно со дечињата од училишниот клуб на ООУ „Христијан Карпош“ Куманово, го посетија Домот за стари лица „Зафир Сајто“.
Волонтерите со искрени насмевки и детска енергија им подарија радост на старите лица на домот преку разговор и песни, а особено свечен момент беше прославата на роденденот на дедо Мирко. Со песна, аплаузи и искрени желби за здравје и долговечност, беше одбележан неговиот убав јубилеј, кој предизвика голема радост кај присутните.
Во активноста учествуваа и негователи од проектот „Помош и нега во домот“, кој Црвен крст Куманово го реализира во соработка со Општина Старо Нагоричане.
Основна цел на посетата беше да се подигне свеста за важноста на старите лица во општеството, да се укаже на нивните права, придонес и потреби, како и да се промовира поголема социјална и здравствена заштита.
Овој ден беше исполнет со љубов и внимание, и нè потсети дека староста е време кое заслужува достоинство, грижа и топлина од сите нас.![]()











































